Милица Алексиќ
Шминкањето отсекогаш било во функција на убавиот изглед, служи да ги прикрие недостатоците и да ја истакне убавината. За да се постигне полн ефект, потребна е одредена доза на вештина, а и придржување на основните правила на шминкање. Едно од нив е дека е многу важно да ја негуваме кожата на лицето, вратот и деколтето, затоа што нанесувањето шминка на ненегувана кожа предизвикува негативен ефект, а не е ни здраво.
Нега: Чистењето на лицето, вратот и деколтето пред одење на спиење е задолжително, исто како и нанесување ноќен и дневен крем, пилинг (еднаш неделно) и хидрирање на кожата. Секогаш кога имате можност, оставете го лицето да ви се „одмори“ од шминка. Шминката секогаш се нанесува на чисто лице. Водете сметка и за приборот за шминкање, сунѓерите и четките – тие, исто така, мора да бидат беспрекорно чисти.
Период од денот: Лицето изгледа поинаку на дневна светлина, па преку ден никогаш не треба да носите „тешка“ шминка наменета за вечерни излегувања, затоа што така ќе изгледате неприродно.
Светло: Трудете се шминката да ја нанесувате на добро осветлување, кое е најблиску на дневното. Не се шминкајте „на памет“ туку користете огледало, дури и она кое „зголемува“. Така најдобро ќе видите дали сте се нашминкале беспрекорно.
Помалку е повеќе: Не претерувајте со нанесување на слоеви шминка и чести поправки во од: многу пудра, маскара, сенки и кармин не изгледа добро.
Квалитет: Пред купување на нов производ, секогаш испробајте го (да речеме, на внатрешната страна од зглобот), прочитајте ја декларацијата и никогаш не користете шминка на која ѝ е изминат рокот на траење.
Избор: Секогаш бирајте пудра која е со најслична боја на вашето лице, а при нанесувањето не заборавете на ушните школки (ако носите подигната коса), вратот и деколтето. Посоветувајте се со професионален шминкер и продавач на козметички производи за тоа која боја на кармин, руменило и сенки најдобро ви стои и „одговара“ на вашето лице.
Редослед: На чисто лице прво нанесете подлога за пудра, а дури потоа коректор, кој слободно можете да го натапкате со малиот прст (така ќе изгледа природно). Пудра во прав нанесувајте со четка, но не со кружни движења (така се нанесува руменило), туку со тапкање.
Прикривање: Ако имате мозолки и сакате да ги прикриете со шминка, користете нијанса на коректор која е најслична на бојата на вашето лице и тоа „покривајќи“ ги трпеливо една по една. На крајот на целото лице можете да нанесете и малку минерална пудра.
Мрсна кожа: Ако мрснотијата ви избива и дури откако сте нанеле пудра, не нанесувајте уште за да ја прекриете, туку нежно тапкајте го лицето со пешкир за впивање на мрснотијата. Седефастите сенки и руменило не изгледаат најдобро на мрсна кожа. Подобро е да користите мат нијанси.
Веѓи: Ако ги здебелувате, употребувајте и четкчичка за нивно расчешлување, резултатот ќе биде поприроден изглед.
Усни: Ако сакате да изгледаат пополни, прво исцртајте ги со молив, а потоа нанесете кармин, никогаш обратно.